MkMap

Почетна :: Сите локации на едно место

Општина Куманово

Monday, 11 January 2021 14:09
Rate this item
(1 Vote)

 

Куманово, градот на испреплетени култури, религии и традиции, спомени и соживот. Градот во кој ќе прошетате по Уќумат-сокаги, една од најстарите улици (сегашна ул. 11 Октомври), ќе се сретнете со многу стари занаети, ќе пробате вкусна храна, ќе чуете многу легенди. Овде песната и шегата ќе ве пречекаат на секој чекор. Градот на познатиот шегобиец Батко Ѓорѓија, за кого ќе чуете од секого по нешто.

Сместено во североисточниот дел на Република Северна Македонија,на надморска височина од 340 метри, Куманово е лоцирано на самата раскрсница на двата најзначајни коридори во земјата( Коридор 8 – Коридор 10). По број на население, Куманово е најголема општина во Република Северна Македонија зафаќајќи површина од 509,48 км2. Одликите на умерено-континенталната клима преовладуваат низ сите годишни времиња. Градот на непокорот и револуцијата, Куманово денес претставува вистински мултиетнички центар.

Демографија

По прашањето за демографијата во Куманово и Кумановско, може даа се констатира дека демографската структура на населението е значаен показател на динамиката за развој на популацијата, односно важен елемент за развиток на одделни предели. Природно-географските одлики овозможиле кумановскиот крај да биде населен уште во предисториско време, за жто сведочат повеќе наоѓалишта од тој период. Доаѓањето на Словените во VI век на Балканот и во овие краишта, дадоа основен белег на составот на населението, а пак навлегувањето на турците во XIV век и нивното петвековно задржување, имало свој одраз на структурата на населението. Посебно во делот на исламизација на христијанското население, односно населување на испразнетите македонски простори со исламско население од други поднебја. Оттука и повеќеслојниот етнички колорит во кумановскиот крај, кој главно се формира кон крајот на XIX век. По сочуваните пописи на населението од 1900 година во Куманово и кумановско се регистрираат: македонци, срби, албанци, турци, роми, татари, черкези, грци, евреи… по Српско-турските војни од 1876/78 година во Куманово доселуваат околу 3000 дојденци од српските простори, т.н. Муаџири, што имало силно влијание врз етничката структура на населението во градот, односно неговиот севкупен растежи развој. Расположливата статистичка евиденција овозможува поконкретно следење на населението во кумановскиот крај од 1900 година до денес.

Општина Куманово според новата територијална поделба од август 2004 година, е најголема општина во Република Северна Македонија со 103.205 жители. Структурата на населението во Општина Куманово е хетерогена и тоа не само во градот, туку и во поголемиот дел на селските средини каде живее население од повеќе националности и етнички групи, разновидна  образовна, старосна и полова структура, со различни обичаи, вероисповед и навики, разновидни занимања и други карактеристики.

Природно-географски карактеристики

Куманово и околината што гравитира кон него, се наоѓа во северниот дел на Република Северна Македонија. Оваа територија, најсеверните делови ги има северно од Козјак, во атарот на с.Мглинце, во долината на Мала Река, а најјужната се наоѓа во атарот на с. Живиње. Од најсеверниот до најјужниот дел во Кумановско, растојанието изнесува 43 км воздушна линија, а во правец исток-запад растојанието е 50,4 км. Кумановскиот крај од соседните области е одделен со делови на стари грамадни планини. На запад се издигаат огранците на Скопска Црна Гора, кои во овој крај се познати под името Карадак. На север се наоѓаат падините на Руен, додека падините на планината Козјак се спуштаат кон трговишка област. На исток е планината Герман со Славишката котлина, додека од јужната и југоисточна страна се ридестите терени на Градишка Планина со која брановидното Кумановско Поле е одделено од Скопската Котлина и Овче Поле. Кумановскиот крај (старата општина Куманово) во чии рамки денес егзистираат пет единици на локална самоуправа ( Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Орашац и Клечовце) зафаќаат површина од 1212 километри квадратни, што претставува 4,71% од територијата на република Северна Макеоднија. Во наведениот простор се распостелале 110 населени места, главно населени со етнички хетерогено население.

Во минатото низ оваа област минувале значајни патишта преку кои се воспоставувале врски помеѓу областите околу Јадранското Море со оние околу Егејското и Црното Море. Денес за Кумановскиот крај најголемо значење има Моравко-Вардарската Долина по која минува железничката линија изградена во 1800 година, како и асфалтен пат кој јужно од Куманово е современ автопат. Во напореден правец се користат два правца: едниот преку Крива Паланка кон соседна Бугарија и Турција, додека другиот, оди на југоисток, преку Овче Поле ги одржува врските со населените места во Источна Република Северна Македонија.

Геолошката градба на Кумановско е разновидна, со различна старост и припаѓа, главно, на две зони: Вардарската и Родопската. Планините главно припаѓаат на Родопската маса која се смета за постара. Во овој дел спаѓаат планините Скопска Црна Гора, Руен и Козјак. Западно од Куманово се протегаат огранците на Скопска Црна Гора на која се наоѓа највисокиот врв во областа, Рамно со 1651 метар. Во северниот дел од областа се протегаат делови од планината Руен, која со поголем дел се наоѓа во Србија. Источно од Руен е средновисоката планина Козјак, позната од поновата историја по повеќето борби од НОБ, како и по одржаното историско Прво заседание за АСНОМ, на 2 август 1944 година, во манастирот  “Св.Отец Прохор Пчињски”. Планината Козјак главно се протега помеѓу двете најголеми реки во оваа област, Пчиња и Крива река. Бислимската Клисура на реката Пчиња е место кое изобилува со природна убавина. Поради цврстината на карпите кои ги пресекува, клисурата на одредени места има изглед на кањон, со голем број на пештери по каменливите страни.

Освен споменатите две реки, во Кумановската област се среќаваат и подземни води, извори на минерална вода, како и вештачки акумулации. Освен реките Пчиња и Крива Река, позначајни реки во овој крај се Кумановска Река, која настанува од Липковска и Којнарска Река, потоа Слупчанска, Отљанска и Матејачка Река. Во Лпковскиот реон, на Липковската река се изградени две акумулации: Липковската бетонска лачна брана, изградена во 1958 година, висока 37 метри со површина од 0,40 км2 а акумулацијата Глажња, исто така бетонска лачна рана, изградена во 1971 година, висока 80 метри, долга 344метри, со езеро кое зафаќа површина од 0,97 квадратни километри.

Во Кумановскиот крај има неколку извори на минерална вода. Најпознати се оние кај селото Проевце, потоа во Липково, кај с. Стрновац, во Клечовце и други. Засега лековитите води од овие извори единствено се искористени во с.Проевце, со Кумановската Бања и експлоатација на минералните води во с.Проевце и Клечовце. Температурата на водата на Проевските извори изнесува 28 степени.

Од покарактеристичните климатски услови на Кумановскиот крај би ги издвоиле неколку. Најниската температура забележана во Куманово и Кумановско изнесува -24 степени С, измерена на 27 јануари 1954 година, а највисока +40 степени С на 22 август 1952 година. Просечната годишна количина на врнежи изнесува 549,3 мм на квадратен метар. Најчест ветар кој дува на овие простори е северниот, а по него северозападниот. Северниот е најчесто во јануари, јуни и јули, а северозападниот е најчест од мај до октомври. Просечно годишно осончување во Куманово е 2200 часови.

Природните богатства во Кумановско се разновидни. Освен водите, карактеристично е богатството со плодни почви, разновиден растителен свет и наоѓалишта на метални и неметални руди. Од металните наоѓалишта познато е антимонско-арсенско наоѓалиште кај с.Лојане, додека од неметалните, се базалтните и глинените резерви кај с. Младо Нагоричане. Кај с. Липково се користат травертините,а кај с.Бељаковце се наоѓалиштата на опалска бреча, односно мермер кај Вуксан.

Историја

Првите факти за населената област Куманово датираат од 1519 година, а изворот на информации потекнува од архивите во Истанбул, Турција. На почетокот, оваа област била населена со 52 семејства и 300 жители. Најдеталните податоци се од Евлија Челебија, кој патувал во регионот и кој го забележал следново: „Населената област Куманово се наоѓа натериторијата на санџакот Скопје. Градот има многу реки и околу 600 куќи покриени сопокривни плочки. Џамијата, која се наоѓа во трговската област, е прекрасна и има училште (медреса), амам, трговски центар, додека климата во градот е блага. Постојат многу лозови полиња и земјиште каде се насадени различни видови овошја.“

Куманово станува урбано подрачје со административен центар, Нахијат, во доцниот XVI или во почетокот на XVII век. По Карпошовото востание во 1689, Куманово влегува во период на стагнација и до крајот на XVIII век претставува турска касаба (мал град). Кон крајот на XIX век, градот доживува економски подем (земјоделство, занаетчиство и трговија), но нема некој позначаен индустриски развој до крајот на Втората светска војна. По 1945 година, Куманово доживува брз економски, административен и културен развој. Денес, тој е модерен град со повеќе од 105.484 жители.

Како резултат на богатата историја и на опкружувањето, на територијата на градот и во околината се наоѓаат голем број историски и културни знаменитости, кои датираат од предисториско време до денес. Најстари локалитети се: Костоперска карпа, Градиште кај селото Пелинце, неолитскиот локалитет кај селото Долно Нагоричане. Црквата Св.Ѓорѓи (Старо Нагоричане) изградена во 1071, реконструирана во 1318 и црквата Св. Богородица (село Матејче) од 1350 се најпознати културни и религиозни објекти од оваа епоха. Од XVII век се останати следниве обележја во Куманово: црквата Св. Петка во селото Старо Нагоричане, Џамијата Екси, црквата Св.Никола, како и манастирот во селото Градиште

Работно време:

Пон - Петок: 08:00 - 16:00
Саб - Недела: не работиме

e-mail: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.

web: www.kumanovo.gov.mk

fb Instagram

 

 

Read 2223 times Last modified on Monday, 11 January 2021 14:14
Скачать шаблон Joomla с JooMix.org