Музеи | Театри

Почетна :: Музеи | Театри

НУ Народен театар – Битола Featured

Wednesday, 27 May 2020 13:39
Rate this item
(1 Vote)

logo
Првата театарска зграда во Битола е изградена по наредба на битолскиот валија Абдул Керим-паша. Нејзината изградба трае долго, од 1897 година, кога се поставени темелите, до 1906, односно 1908/1909 година, кога најпосле е завршена и сцената. Зградата е користена за сите видови приредби, од естрадни и циркуски до театарски. Првиот професионален театарски ансамбл во неа работи од 1910 до 1912 година, кога пожарот целосно ја уништува. Потоа театарските претстави се одржуваат на повеќе локации во градот, најчесто во Гранд-хотел. Од крајот на 1913 до 1915 година во Битола функционира Градско позориште, професионална трупа составена од некогашните патувачки актери, кои претставите ги играат на српски јазик.

Воените операции околу Солунскиот фронт ја запираат активноста на оваа трупа во Битола (во текот на 1915 година трупата ќе се префрли во Солун, па во Воден). Но, тие на градот ќе му создадат една од највиталните театарски легенди: големата Сара Бернар, посетувајќи ги и забавувајќи ги француските војници стационирани околу Битола, на молба од турскиот паша (непријател!), наводно и за граѓаните одиграла една претстава. Барем засега, оваа легенда не е поткрепена од никакви театрографски факти.

Втората фаза во развитокот на институционалната/професионална театарска дејност во Битола е датирана од 1918 до 1926/1929, кога, со променлив успех, повторно функционира српското Градско позориште. На местото на изгорениот турски театар во 1926 година е подигната новата театарска зграда. Во периодот од 1926 до 1929 година театарот, постојано недоволно субвенциониран од државата, функционира како организациски дел на скопскиот театар, додека сосема не згасне.

До почетокот на Втората светска војна во Битола се активни уште неколку театарски трупи, коишто претставите ги изведуваат на српски јазик, додека скопското Народно позориште „Краљ Александар Први“ постојано и задолжително гостува со речиси сиот свој репертоар. Оттука, театарскиот живот во Битола се одвива исклучително интензивно.

За време на Втората светска војна во Битола перманентно работи бугарскиот театар (најпрвин како полупрофесионален, а од 1943 година како професионален). Истовремено, во градот функционираат и повеќе аматерски и полупрофесионални дружини, организирани по училиштата.

Веднаш по ослободувањето во Битола се организира интензивна театарска дејност. Професионалниот театар со работа официјално започнува на 14 ноември 1944 година, изведувајќи ја едночинката на Владо Малески – Петтоимениот Ѓоре. Овој датум се смета за ден на основање на Народниот театар Битола.

Првите членови, основачи на Битолскиот театар се: Јорго Цаца, раководител на групата, Вера Вучкова, Димче и Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.

Првиот управник е Аки Павловски (1945).

Од 1980 година театарот работи во нов, исклучително функционален објект, кој на ансамблот му овозможува најдобри технолошки услови за работа.

Од 1945 до 2001 година Битолскиот театар има изведено над 350 премиери и одиграно над 7.000 претстави. Денес тој е несомнено најуспешен театарски ансамбл во Македонија, афирмиран и респектиран не само во поширокиот балкански регион, туку и подалеку.


Работн
о време:
Пон - Пет: 08:00 - 20:00
Саб - Нед: 08:00 - 16:00

e-mail: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.
web: www.narodenteatarbitola.com

fb Instagram

Read 1646 times Last modified on Friday, 12 June 2020 10:57
Скачать шаблон Joomla с JooMix.org