Браната “Стрежево” е висока земјано - насипна преграда со централно глинено јадро и возводно и низводно потпорно тело од чакал подигната на реката Шемница, возводно, на 24 km од нејзиниот влив во Црна Река и на 1,5 km низводно од селото Стрежево. Со нејзината изградба се формира акумулационен простор, со корисен волумен кој овозможува: обезбедување на потребните количини на вода за наводнување на дел од Пелагонија (проектно предвидени 20.200 ha нето обработлива површина), делумно надополнување до потребните количина на непреработена вода за потребите на ЈП “Водовод” – Битола, обезбедување на дел од потребите од сирова вода за дел од индустријата, заштита од поплавување на дел од Пелагонија итн.
Во составот на хидросистемот Стрежево постојат два канали и тоа:
1.Собирен (алиментационен) канал кој врши довод на вода во акумулацијата Стрежево, и
2.Главен доводен канал низ кој се одведува водата од акумулацијата до корисниците.
Собирниот канал од хидросистемот Стрежево овозможува зафаќање на дел од водите на седум реки од Баба Планина: Кишавска, Граешка, Остречка, Злокуќанска, Стара Река, Киндерка и Драгор и нивно доведување до месноста Превлец, каде се внесуваат во сливот на реката Шемница. Од Собирниот канал се врши и дополнително снабдување со непреработена вода на ЈП Водовод – Битола, а воедно претставува и алтернативен извор на сирова вода за потребите на термоелектраната Битола и Фабриката за шеќер во Битола.
Главниот доводен канал од хидросистемот Стрежево има задача да ја транспортира и дистрибуира водата од акумулацијата Стрежево до зафатните градби на главните цевководи од Деталната цевководна мрежа и цевководите за водоснабдување на РЕК Битола со сирова вода. Управувањето со течењето на водата низ каналот се врши со помош на методот на „динамичка регулација", што претставува автоматизиран процес на далечинско управување од управувачки центар сместен во Дирекцијата на Системот.
Работно време:
Пон - Пeт: 08:00 до 16:00
Саб - Нед: не работи