MkMap

Почетна :: Сите локации на едно место

 

Библиотекарството во Тетово влече корени длабоко во историјата и има богата традиција на овие простори, но за жал, нема прецизни податоци за почетоците на работата  на Градската народна библиотека  "Кочо Рацин" . Точниот ден и месец кога библиотеката почнала да работи не се познати. Тоа се случило пред крајот на 1945 година кога Библиотеката почнала да работи во состав на Поверенството за народна просвета и првично била сместена во новоизградената конфискувана семејна куќа на познатиот тетовски трговец Мато Симовски-Ченка.

Првиот книжен фонд го сочинувале околу 2.000 книги наследени од "Читалницата на тетовската младина" која била формирана во 1922 година, збогатен со марксистичко-ленинистичка литература, но имало и голем број книги од светските класици. Сите книги биле на српско-хрватски јазик со исклучок на одреден број политички брошури кои била печатени на македонски јазик.

Во првите години во библиотеката членувале околу 500 граѓани, од кои најбројни биле учениците - гимназисти. За потребите на читателите библиотеката секојдневно била снабдувана со дневен печат како "Нова Македонија", "Борба", "Политика", "Народен фронт" и други. Веднаш по ослободувањето, истовремено со почнувањето со работа на градската библиотека во Тетово била отворена и библиотека на албански јазик, која во почетокот работела одвоено од македонската. Таа била сместена во стара куќа во строгиот центар на Тетово. Албанската библиотека броела околу 2.000 книги, а библиотекар бил учителот Иса Сабајдин од селото Порој. Во 1948 или 1949 година, по налог на градските политички структури и Поверенството за просвета, албанската библиотека била присоединета кон Градската библиотека. Во 1952 година  била донесена одлука за издвојување на библиотеката од составот на Поверенството за просвета, таа го добила називот Матична библиотека "Кочо Рацин" и ја продолжила својата работа како самостојна културно-просветна установа, a пошнала со работа во приземните простории на куќата на д-р Глигур Евчески. Во текот на своето работење библиотеката претрпела повеќе селидби. Набрзо по формирањето библиотеката била преселена во приземните простории до поранешниот ресторан "Ловец", на аголот од улиците "Илинденска" и "Тодор Циповски-Мерџан", во кои претходно бил сместен Домот на културата.

 

Во 1954 година се оформиле посебни оддели за деца и за возрасни, такашто Детскиот оддел се вратил во просториите на куќата на д-р Евчески, додека Одделот за возрасни добил нови простории во куќата на семејството Аврамовски, на улицата "Страшо Пинџур". По две децении, односно 1967 година Матичната библиотека "Кочо Рацин" - Тетово повторно била вратена во просториите каде и ја започнала својата дејност, со таа разлика што овој пат на располагање и е ставен целиот објект - куќата на Мато Ченка. На долниот кат било сместено депото за книги и одделот за возрасни, додека на кат бил сместен одделот за стручна обработка на библиотечен материјал, одделот за деца и администрацијата.  Во овој објект Матичната библиотека "Кочо Рацин" ќе работи цели три и пол децении.  Согласно Законот за денационализација, со решение на Владата на РМ во 2000 година, објектот во кој е сместена библиотеката е вратен во владение на наследниците, а библиотеката е преместена во приземните простории во Домот на културата. Во овие простории, со вкупна површина од околу 200 квадратни метри функционира и денес. Во тој простор е сместен одделот за деца, одделот за возрасни и одделот за стручна обработка на библиотечен материјал. Поради недостигот од простор голем дел од книжниот фонд на библиотеката е сместен во засебни простории и не им е достапен на корисниците.

 

 

 

 

 

 

 

 

Работно време:
Пон - Пeт: 08.00-19.00     
Саб - Нед: не работиме

e-mail: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.    

web: www.nubkrte.org.mk

fb Instagram

 

 

Скачать шаблон Joomla с JooMix.org